Sunday, July 17, 2016

Возљубен син

          “ И се чу глас од небесата: Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ (Марко 1, 11)   

Кога би го чул овој Глас и кога би се однесувал за мене, би бил најсреќниот човек на земјата кој по прогласувањето ќе биде многу блиску до небесата, секако под услов да продолжи она што сум го правел претходно, а го поттикнало произнесувањето. Титулата син е признавање на сопственост на рамниште со Исуса и отворена можност, сега без засраменост од потреба за покајување, да се нарече татко Оној од Кој стравот веќе исчезнал, трансформиран во авторитативна почит. Додавката возљубен е копнеж по совршената љубов која не изостанува за никого, па ниту за од неразумност постанатите сираци, но милува некако посебно привилегијата да се биде дел од стадото, под постојанен надзор на загриженост, сочувство и милостивост. По Негова волја е друг збор за богоподобие, доказ дека се прифатени сите солзи за прегрешенија, сите подигнувања после сите падови во незнаење, сите ветувања наутро дека ќе се чекори по тесниот пат и сите молитви навечер дека дел од чекорите застраниле, и сите погледи кон Небото кога другите надежи иако последни сепак умираа. Кога би го чул Тој Глас и кога би се однесувал за мене, би бил сигурен дека мојот тест на земјата е завршен со највисоката оценка.
Но, Тој Глас се однесуваше на Исуса, вистинскиот Син. Го посочи и без да ја каже причината за возљубеноста беше јасно дека Тој беше Оној кој во облик на човек раскажуваше за Небесата, го контролираше земското, дарува жива вода на жедните, ја споделува благоста на јаремот, не го заслужи крстот за помирување на Творецот и творбата непокорна, ќе дојде на облаците за да ги одведе праведните ... Би ли му поверил некој толку сензитивни обврски на некого ако неограничената доверба дека ќе бидат завршени со апсолутна светост не е без сенка за сомневање? И нели тоа ќе ја осоврши љубовта во возљубеност, што е сличен термин, а можеби означува уште поголема приврзаност и топлина до бескрај? И е по Негова волја. Точно онака како Тој ги замислуваше и проектира милоста, сочувството, грижата за ближните, вистината и патот. И заповедите полни со паралелна интеракција помеѓу послушноста во исполнувањето и задоволството од наградата. И желбата да се стане од Престолот и се продолжи долу помеѓу волците, да се спори со светот дека тој е само привремен и трулежен, дека треба да се чува богатството онаму каде што е срцето, а тоа треба да биде онаму каде што нема веќе да има солзи и тага нераздвојна. И трпеливост да се испие чашата не со сопствените, понекогаш недоволно промислени посакувања, туку со оние наменетите од Таткото, и тоа да се стори без куп од негодувања, прекори кон злата судбина или чувство на повредена праведност.
Кога би го чул овој Глас и кога би се однесувал за мене, би помислил дека го живеам крајот на една бајка, иако не верував во нив, но ги посакував нивните завршетоци. Но, и како син немаше да престанам да ја барам живата вода која единствено напојуваше, јаремот кој е благ и константно оптоваруваше потсетувајќи на чекорите кои не би воделе на исто место без неговата тежина и чекам Исус и Неговото доаѓање на облаците. Секако Таткото сеуште нема да има неограничена доверба во ваков син кој во секој момент може да се најде на работ од падот, па дури и долу во бездната, и ќе биде континуирано под сомневање дека секоја помисла може да биде замрачена од демоните. А тоа ќе биде причина повеќе да се биде внимателен во рамките на стадото, надвор од него каде демнеат волците, со себе како тело тврдоглаво по своите страсти и во себе како душа суетна по своето тело. Титулата син нема да добива опростување без покајување, нема да го заобиколува крстот без да го почувствува убодот на клинците, нема да ги засуши солзите до доаѓањето во Новата земја и нема да се разгалува фалејќи се по крстопатите за својата родова врска. Титулата син ќе биде скриена радост која поттикнува и обврзува на близок однос со својата совест, меко срце искршено од неволјите и молитвите на кутрите ближни, поглед кон земјата кога на очите им треба храброст да се подигнат со извинување ... И титулата син ќе биде нескриена радост за прифаќањето на едно заскитано јагне кое не знае ниту каде тргнало, ниту дали воопшто некаде ќе стигне.