Wednesday, October 5, 2016

Праведни мерила

          “И им велеше: Внимавајте на она што слушате: со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придодаде вам што слушате. Зошто, кој има, нему ќе му се даде, а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има.“ (Марко 4, 24-25)   

Многу неправди ми се направиле во овој живот. И не само мене, и многу им се случуваат на ближните во околината, оние подалеку и всушност на целиот свет. Ако би се запрашале од каде го знам тоа, па веројатно доказ е празнината долу во душата во тој момент, огнената исполнетост со гнев кој навира после тој момент и скршеното срце или напукнатата гордост исто така многу после тој момент. Неправдата може да биде земјотрес, обична навреда, смртта, финансиски дебакл на соништата, ситни капки дожд или порои кои ја матат и реката, и многу друго, и воопшто се. И доколку секоја ситуација може да се етикетира како неправда за некој тогаш не е проблемот во случките туку во начинот на нивната проценка, односно со каква мерка мериме. Доколку се поставиме на позиција на престрог судија ќе го осудиме човештвото за нанесени повреди од петти степен и ќе бидеме целосно неутешни. Ако аршинот не биде толку затегнат можеби и ќе си признаеме дека ближниот не сакал да не повреди. А доколку му поверуваме на Бога дека настаните се само дел од Неговата промисла за часот за воспитување, тогаш со насмевка ќе ги пречекаме сите утрешнини.
Знам дека ќе ми се придодаде затоа што слушам. И ги читам зборовите Божји. Наводно сето тоа ми помогна да ги подредам мерките според напорите на љубовта и некогаш повеќе да сожалувам отколку да судам. Но, тоа не беше доволно за да постапувам вистински според двигателот срце очистено од сите негодни страсти и помисли. Сум оставил простор во кој повторно се накотиле и опстанале демонски забелешки кои упорно се дрзнуваат да ставаат вето врз моите одлуки и подметнуваат некои од нивните како створени да ги сплеткуваат нозете. И тогаш останувам само верен слушател со камено тло на кое словото нема да роди, а мерката за крајниот суд ќе ми биде многу над опростливоста.
Кој има нему ќе му се даде. Малку парадоксално ако се земе во предвид белегот на христијаните да немаат вишоци, па дури и да го подарат она едното доколку им се укаже можноста за награда. Веројатно се мисли на надежта. Кој ја има во Господа и во наследството кое му е ветено, ќе му се даде и во еден обичен ден, од утрото кое започнува со униние до вечерта која завршува со покајување. Или се мисли на милоста. Кој ја дава на ближните со едната рака, а тоа не го дознала другата, ќе му се прави уште повеќе и изразено после постапките кои заслужуваат казна. Или пак на радоста. Кој не заборавил да се смее во другите денови освен викендите, кој се радува на насмевката на своите деца повеќе од унапредувањето на работното место, и кој среќата ја изедначува со исполнетост после послушание кон Таткото, ќе му се даде радост која со напор душата ќе ја прибере и ќе биде само дел од она што човечко око не видело. И на крајот можеби на спокојот. Кој го има и скоро се претрпил ќе добие уште за да биде куќа на камен со темели неподложни на разјадување и ќе стои долго, долго до вознесувањето.
Кој нема, од него ќе се одземе и она што го има. Ако нема доволно надеж во Господа ќе ја загуби и онаа во светот налик на зборовите на празмијата. Ако нема доволно милост ќе му се одземе и она што така се нарекува кон оние од должност или вкалкулирана корист. Ако нема доволно радост за богатството кое крадец го демне ќе му се одземе и онаа која ја предизвикува изгревот на сонцето кое го најавува новиот ден. И на крајот, кој нема доволно спокој секогаш во расчекор со неисполнетите желби, ќе му се одземе и оној што му бил даден додека траеше насмевката во еден обичен ден. И тој ќе остане без своето кое никогаш не му било утеха за да прифати дека неговото немање не било вистинско и дека да немаш е единствено можно ако е Бог во прашање. Да го немаш Бога значи крајна сиромаштија. А, можеби од тој што нема ќе се одземе и она што го има како поука дека подзаборавил на скромноста. Или дека суетно од Бога сакал да го сокрие она што го има, сакајќи да го претстави како свој производ, но недоволно богат мерено според сопствените дела.