Friday, April 29, 2016

Нека биде волјата Твоја

           “И како се поодалечи малку, падна ничкум, се молеше и говореше: Оче мој, ако е можно нека Ме одмине оваа чаша, но не како Јас што сакам, туку како Ти. Отиде пак, повторно, и се помоли говорејќи: Оче Мој, ако не може да одмине од Мене оваа чаша, да не ја испијам, тогаш нека биде волјата Твоја!“   (Матеј 26, 39 и 42)   

     Перцепирајќи го светот онака лаички, немудрено и со очи преполнети со желба се да се опфати во зоната на погледот и по можност таму и задржи позади силно потенцирана граница, е само видување кое многу тешко ќе ја деформира сопствената волја, а уште потешко и ќе ја натера да се покори на Неговата. Сопствената, некогаш многу силно уверена во својата моќ и планини да преместува, најчесто завршува измамена на крајот не сфаќајќи го контрастот помеѓу бурниот елан на почетокот и залудно потрошената енергија во финишот. Подоцнежните сознанија, ако според заслужената милост Господова се објават, ќе потврдат дека волјата на човекот и стапиците на Мамона се многу блиску, дури и си дишат во вратот понекогаш. Волјата во најголем број случаеви се поистоветува со оставинското решение од еден дебел тестамент, нетрпелива категорија да се учествува во трка, но не за нераспадлив венец, туку по исполнување на желби поврзани со задоволување на телото, копнежите за трулежното и далечни недофатни оази. Таа волја уште од гревопадот беше длабоко несоодветна за војна со веќе проречени слова да умре.
     Оче мој, ако е можно, нека ме одмине оваа чаша, но не како јас што сакам, туку како Ти. Ако е можно да не сум се родил во време скоро целосно отсутно од најмалата нишка на доблестите, спокојот. Ако е можно страдањата да ми се мерат со синапово зрно, а среќата со највисоката планина која ниту птици ја надлетуваат. Ако е можно стравот да не ме посетува ниту дење ни ноќе, не во сабота, не пред наострени заби на лавови, не пред наезда на скакулци, не кога сонувам и не од утрото кога го поздравувам сонцето. Ако е можно смртта да не ме вознемирува, нејзините непристојни предлози, знаци со непознати болести и спомени по гробовите. Ако е можно човек на човека да не му биде волк бидејќи тие не се загрозени животински видови па да ги надополнуваме, ниту ние сме пак подолен вид на кој канибалството му е вродено. Ако е можно ближниот да не ме повреди за да не му возвратам со гневот од пеколот и омраза која обездушува, со низа зборови кои се нормални само кај запирките, со поглед намуртен како небо пред врнење и глас застрашувачки со интонација на земјотрес. Ако е можно радоста да ми биде будење, а насмевката заспивање, да не се сеќавам кога последен пат сум плачел, воздишката да ја правам од преполни гради љубов која сака да го истисне озонот во неговата обвивка, српот да не ми се заплеткува во каколот и да го жнее само годното, чинијата да ми биде полна повеќе од половина, скривалиштето да ми е безбедно од крадење и од молци, дрвото на животот да чува многу од своите лисја за мене, гредата во моето око да биде или раска или прашинка... но, сите овие желби да останат само недозреаност за да не би помислата на блаженост се претвори во суетност која распаѓа.
     Оче мој, ако не може да одмине од мене оваа чаша, да не ми ја испијам, тогаш нека биде волјата Твоја. Сум се родил во ова време неспокојно и ќе го барам она што совеста го нарекува добар подвиг. Страдањата ќе си ги прифатам како свои друшки и нема да ги прашувам дали се наситиле да ме измачуваат и нема прекорно да ги погледнувам за да си заминат. Стравот кој целосно се одомаќинил, ќе го искористам како лав од кој треба да се стои настрана и како орхидеја кога е Божји, која треба да се негува. Смртта, таа посебна приказна, е мојата добродателка која постојано ќе ме потсетува на трулежноста од мене која сопира во нејзините прегратки, и на светлоста во мене која од нејзините канџи ги наследува директно Небесата. Ќе бидам јагне наспроти човекот волк очекувајќи неговата накострешеност да се трансформира во кроткост, додека алчниот сјај од очите во разумна милост. Ако ближниот ме повреди ќе плачам само во тајната соба пред Таткото и ќе ја сочувам присебноста додека го изговарам: и прости им, не знаат што прават. И сите желби мои исполнети кои би биле храна за гордоста прифаќам да останат само соништа, дури и во зоната на помисли со забрана за навраќање, само за да го проверам смирението дали й верува на скрушеноста или сеуште има волја за револуции. Ќе ја испијам оваа чаша верувајќи дека зад нејзината горчина се крие еден цел систем на мерки за убивање на остатокот од негодни страсти во мене, за зацврстување на верата додека Тој е и вистината и патот, и за потребната сила да се заврши трката без да се пропушти венецот како награда.

No comments:

Post a Comment