Saturday, June 4, 2016

Слепа хула

 “А минувачите вртејќи ги главите свои, Го хулеа и велеа: Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји, слегни од крстот!“ (Матеј 27, 39-40)   

И онака обичен минувач низ животот, не ми преостануваше ништо друго освен пребрзо да донесувам сопствени, суетни заклучоци незасновани врз ниту една нишка на вистинското спознание, а темелно прехранети со човечко мудрување и гола филозофија која беше само колорит на свежо варосаните гробови полни со изгниени и смрдливи коски. Велам обичен минувач, незаинтересиран да погледне подлабоко во срцето, повремено млако, повремено жешко фокусиран на телесните желби и нивните заситувања, и што е најлошо добро информиран за патот кој води кон Небесата, но без доволно амбиции да се одржи на истиот. И како и сите обични минувачи, вртејќи со главата своја негодувам на устројството на светот и неговата неправедност во распределбата на добра и среќни околности, се поплакувам на навидум ѕвездената судбина на некои од моите ближни и на моето под нивно ниво на животарење или се споредувам со оние кои се немошни, цврсто убедувајќи се дека тие го заслужиле тоа гледано од мојот фарисејски аспект. За жал, невнимателна и бескруполозна хула кон Креаторот на светот, Неговиот обид да создаде локација со симулација на едно битисување кое ќе биде само тест чие полагање ќе води кон вечноста каде престојуваат Светиите, односно паѓање кое ќе води кон езерото полно со сулфур и маченичка жештина.
Ако хулата претходно беше осквернување на најголемиот Авторитет во сите светови, не подолу е онаа изречена кон Синот, попрво како негација, а потоа и како наредба. Негација на Неговата изрека дека храмот ќе биде срушен и изграден за три дена. Афирмација на човечката глупавост дека масивната градба налик на бетонска планина Исус се закани дека ќе ја сруши со чеканче или пак истата да ја возобнови за само три дена со механизација која тогаш отсуствуваше, а и да би ја поседувал и денешнава и дури и идната заснована на некои чипови кои ќе градат експресно како во компјутерските игри, не верувам дека би била доволна. Секако далеку од невозможноста во архитектурните потфати, пораката ја носеше една од најубавите вести отсекогаш  и засекогаш  слушнати за победата над смртта, за положувањето на мртвото тело срушено во гробот и неговото соѕидување после три дена во структура прифатлива за Небото. И второ, наредба од минувачите на Синот да се спаси Себеси. Тој, Кој како јагне пред своите колачи, како човек од прав наместо Светлост најзаслеплива, како жртва последна за помирување, Тој не дојде за да се спаси Себеси. Всушност од Небото дојде пораката за повисокиот стадиум во размислување и делување на човекот не повеќе како единка околу која и само за која би се вртел светот, како егоистичка направа за самозадоволување на сопствените телесни побарувања, туку веќе како духовно настроено дете со наивни погледи на случувањата наоколу и пред се полно со милост за другите изразена во подготвеноста да се земе од себе, да се прегази сопственото јас заради нив. И во никој случај Писателот на таа порака не дојде за да се спаси Себеси туку само да ја испие чашата.
Мнозинството не поверува ниту дека е Син Божји, ниту дека драмата во тој ден би ја имала својата цел доколку Тој слезеше од крстот. Тој не би направил преседан како јас и ти пред првата пречка на скалилата кои водат нагоре, пред пролетниот дождец кој ни наликува на бура, пред лесната настинка која ни тежи како болест и пред дошепнувањата на демоните чија слобода нуди ропство. Остана прикован за дрвото со клинци чие прободување верувам не болеше повеќе од изречената казна за невиност, хранет со жолчка и оцет за уште поголема агонија во помрачувањето, со негодни извици од оние кои ги оправдуваше, одречен и неповеруван од оние кои најповеќе го познававме и нестрпливо очекуван од Сценаристот на целиот план за спасување. Апсурдно беше да се слезе од крстот кога толку многу се постигна таму. Смртта се претвори во пародија без своето осило, сатаната во беспомошник без својот трозабец, ние во потенцијални ангели ако се промениме, а приказната зачна убав крај иако цело време сомнежи нé прогонуваат. И, јас добив причина да го подигнам погледот од земјата.












            

No comments:

Post a Comment